Денеска и официјално реконструираните скали и урбаниот плоштад во населбата Жданец беа пуштени во употреба од страна на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски. Ветувањето кое првиот човек на локалната самоуправа го даде на граѓаните на ова населено место, дека овој инфраструктурен двоен проект ќе биде целосно готов за употреба до 11 Октомври за жителите на Жданец, стана реалност. По тој повод општинскиот татко Јакимовски даде изјава за медиумите.
- Пред околу две седмици, им дадовме ветување на граѓаните на населеното место Жданец дека на големиот македонски празник, официјално ќе биде отворен плоштадот и реконструираните скали и тоа денес го остваруваме. Целиот овој инфраструктурен проект во кој е вклучена реконструкцијата на скалите со поставување на корпи за отпадоци и жардиниери со цвеќиња, како и мини плоштад со урбана опрема во која се вклучени креативни елементи вкупно чини осум милиони денари. Морам да напоменам одново дека овој од преку 2.400 проектни решенија, влезе во потесен круг од 100 најдобри креативни решенија на Меѓународен натпревар во Германија, потенцираше градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.
Првиот човек на Карпош, Јакимовски исто така нагласи, дека целта на ова урбано катче е релаксација и рекреација на месните жители на Жданец, преку кое ќе може да создаваат нови пријателства, како и да разменуваат мислења меѓусебно.
- Постојано се трудиме, во сите урбани заедници да изградиме и да направиме вакви урбани простори, облагородени со зеленило, со клупи и корпи за отпадоци, се со цел граѓаните преку ден, како и во вечерните часови, да ги користат за прошетки, одмор и забава за најмалите карпошани, напомена Јакимовски.