Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ и Министерството за образование, денес потпишаа договор за имплементација на ваквата образовна програма и во средните училишта во Република Македонија.
Покрај во основните, од наредната учебна година, програмата ќе се спроведува и во средните училишта. Имплементацијата ќе се врши етапно, така што први по овој принцип ќе учат овогодинешните полуматуранти, кои во септември ќе бидат прва година. Министерот за образование Пиштар Лутфиу рече дека во изминатите 4 години, со имплементацијата на Кембриџ во основните училишта, се создаде модерен и конкурентен национален образовен систем. Воведувањето на овој образовен систем ја прави Македонија прва во регионот.
– Математиката и предметите од групата природни науки – хемија, физика и биологија, учениците ги изучуваат преку најсовремени наставни програми и учебници адаптирани на нашите национални особености, кои значително го променија и унапредија текот и концептот на наставата. Часовите станаа креативни и интересни за учениците, интеракцијата се подигна на највисоко ниво и се замени стариот и класичен начин на предавање. Материјата сега е лесно совладлива, едноставна и практично применлива, рече Лутфиу.