Второстепената комисија донесе одлука дека Општина Центар, постапила незаконски во случајот со уривањето на спорните два спрата на објектот на улица „Никола Вапцаров“.
Државната комисија за одлучување од втор степен го врати на повторно одлучување предметот за уривање на спорните два спрата од објектот лоциран во строгиот центар на Скопје, во сопственост на претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски. Од Општина Центар, надлежните велат дека сеуште немаат добиено таква одлука.
„Сеуште не сме добиле никаква одлука,а како судијата Панчевски ја добил пред државните органи незнам, ама тоа кажува многу. Кога ќе ја добиеме одлуката ќе пратиме соопштение и ќе се изјасниме до сите медиуми и јавноста“, изјави Кочо Стојчевски, шефот на инспекциската служба на Општина Центар. Во меѓувреме, Општина Центар поднесе кривична пријава против Панчевски и уште две лица за сторено кривично дело под основ бесправно доградување на два спрата на објект во Центар.
Панчевски на тоа одговори на духовит начин велејќи дека ќе му постави спомен-плоча на Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, на гореспоменатиот објект.