Засилено обезбедување во ГОБ 8-ми септември по дивеењето во Ургентниот центар од пред десетина дена. Менаџментот на установата направил прераспределба и од фирмата која ја обезбедува болницата дежурствата биле појачани со кадар.
По инцидентот на 4-ти ноќта, кога толпа од 40 тина лица кршеле во просториите по смртта на нивни член од семејството, досега немало нови закани и провокации од пациенти и посетители. Случајот го затвори и МВР. Минатата недела во полициската станица во Карпош, по претходна идентификација биле повикани двајца од оние кои кршеле. Поради нарушување на јавниот ред и мир, за сторениот прекршок добиле платни налози и треба да платат глоба од по 400 евра.
Причина за нередите во Ургентниот центар е смртта на роднина, кој лекарите не успеале да го вратат во живот и по 40 минути поминати во собата за реанимација. Неговата состојба била критична и за време на транспортот со возило на Брза Помош. Дежурниот медицински персонал бил видно вознемирен по хаосот кој следувал потоа.
-Често сме мета на вербални и физички напади, но овој ја прелеа чашата и досега сме немале ваков инцидент, за Сител вели Сашо Стојчев.
За среќа немало повредени здравствени работници. Но според законските измени, напад врз лекар се третира како напад врз службено лице.