Пијалакот кој го врзуваме за Шкотите и Ирците, од март следната година ќе почне да се произведува во Скопје.
Оваа идеја е во екот на реализација, а ја спроведува Пане Темов, познат уличен забавувач куклар и организатор на разни манифестации како Баскерфест, Пиволенд и Виноскоп. Темов во Старата скопска чаршија има и пивница во која од пред неполни две години нуди 20 видови пива од сопствено производство.
Во моментов во тек е изградбата на дестилеријата во Дојран, на самата граница со Грција. Идејата е повторно донесена од искуствата на западноевропските метрополи, каде што мали дестилерии има на секој чекор.
- Вискито е дестилат на сладот, на јачменот од кој се прави пиво така што начинот на производство е донекаде ист, но потоа треба да се пече, да се вари. И секаде каде што се прави пиво, може да се прави добро виски. Така е тоа во светот. Имаме наш технолог, виски-мајстор кој има работено во Америка, во крафт-пивара каде се произведувало и виски и бурбон. Продолжуваме со производство на нашите автентични пива, но ќе бидеме и прва дестилерија на виски на Балканот, вели Темов.
Првото виски, вели, ќе почне да се продава најрано за година и пол.
Производството ќе биде во Скопје, а одлежувањето ќе биде во Дојран, бидејќи за квалитетно виски многу битни се и климатските услови. Значи, покрај самиот процес на производство, важно е во што одлежува, во какво буре и каде одлежува.
Вискито од домашно производство ќе се вика "Мандра". Ќе се флашира во специјално дизајнирани шишиња и со етикети кои ќе бидат мали уметнички дела, со потпис на домашни уметници.
Инвестицијата е на семејството Темови, а за набавката на опремата се очекува и помош од ИПАРД.