Македонските граѓани речиси ништо не заработуваат од имотот што го имаат, покажува последната Анкета за приходите и условите за живот, што ја изработи Државниот завод за статистика. Ако изнајмувањето стан, куќа, земјиште, возила... во развиените земји е бизнис, и тоа добар, кај нас не е ниту пристојна поткрепа на семејниот буџет, доколку и се верува на анкетата.
Така, во 2015 година за кога се најновите податоци, во просек македонските домаќинства од имот заработувале по 256 денари и тоа за цела година, при што приходите на градските домаќинства изнесувале 388, а на селските само 88 денари. Интересно е што овој приход на домаќинствата е еднинствениот кој со годините се намалува. Во 2013 година приходот од имот по домаќинство изнесувал 389, а во 2014 година 391 денар.
Од друга страна, прашање е колку анкетираните граѓани биле искрени, ако се знае дека во државата има околу 500 илјади семејства, а во катастарот се запишани над еден милион станови, од кои повеќе од веројатно, еден дел се дадени под закуп. Исто така познато е дека и најголем дел од деловниот простор се дава под кирија, од што сопствениците остваруваат значителни приходи, а се изнајмува и градежно и земјоделско земјиште, па дури и цели индустриски објекти. Но, јавна тајана е и дека добар дел од имотот во Македонија се изнајмува на црно, без да се пријави во Управата за јавни приходи, за да се избегне плаќање данок на државата.
Колкав дел од буџетот на просечното македонско домаќинство се приходите од имот, такви какви што се пријавени во анкетата, покажува податокот дека едно македонско домаќинство има просечен годишен приход од 340.132 денари, со тоа што најбогатите 20 проценти живеат со шест пати повеќе средства од најсиромашните 20 проценти. Повеќе од половина од вкупно остварените приходи од имот одат кај таа една петтина најдобро ситуирани домаќинства.
Регистарот на цени и закупнини што го води Агенцијата за катастар на недвижности го открива податокот дека од април 2015 до крајот на септември оваа година македонските граѓани склучиле вкупно 11.774 трансакции за закуп, вредни вкупно 208,6 милиони денари.
Според анкетата на ДЗС, македонските домаќинства живеат најмногу од плата, на која отпаѓаат 192.122 денари, или безмалку половина од од вкупниот буџет што го имаат како просечна големина. На второ место се приходите од пензии кои во просек на годишно ниво изнесуваат 72.929 денари по домаќинство, а 56.460 денари се годишните приходи од самовработеност. Поткрепа на буџетот на македонските домаќинства се и парите што им ги праќаат нивните блиски кои работат во странство. Поделено на сите домаќинства, овие трансфери годишно изнесуваат по 7.129 денари.
Во 2015 година вкупните годишни просечни прииходи на едно македонско домаќинство биле за 26.000 денари поголеми отколку во 2013 година. Во тој двегодишен период, освен приходите од имот, кои се намалиле, регистриран е раст на приходите од сите други извори: платите, пензиите, социјалните трансфери, парите што ги праќаат роднините од странство.