Родителите на учениците од едно од третите одделенија од основното училиште "Димитар Поп Георгиев - Беровски"од денеска ќе протестираат, пренесува Вест.
Тие нема да ги пуштат на настава нивните деца поради тоа што еден нивен соученик често пати физички ги малтретирал, а никој од училиштето ниту пак од Општината не презема ништо.
Во петокот, како што раскажуваат родителите, ученикот физички ги нападнал дури и одделенскиот наставник, психологот на училиштето и хигиеничарките, кои се обидувале да го спречат да не применува сила врз другите ученици. Исплашени, децата во целата драма која се случувала се криеле под клупа, а дел од нив им пратиле СМС порака на родителите да дојдат да ги земат порано.
"Се плашиме за безбедноста на нашите деца, затоа од утре, вторпат во ова полугодие нема да ги пуштаме децата на наста, се додека надлежните институции не го решат проблемот со агресивното однесување на ученикот. Првпат тоа го сторивме во февруари, кога ученикот, без претходно да биде известен одделенскиот наставник, беше префрлен во нашето одделение, со што е прекршен училишниот правилник, изјави Мила, родител на дете од истото одделение. Според нејзиното кажување, за овој проблем родителите ги известиле директорот на училиштето, училишниот одбор, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Сокол Митровски и Државниот просветен инспекторат.
"Градоначалникот минатиот месец не прими на разговор во Општината и не замоли да му дадеме шанса на детето. Вети поголемо ангажирање од Општината, и работа со дефектолог. Постои само еден дефектолог во целата Општина кој, реално, не може да му обрне толкаво внимание на само едно дете", вели родителот.
Од училиштето и од Општина Ѓорче Петров вчера немаа одговор за случајот.Директорот Ѓурчин Ѓурчиновски ни изјави дека нема никаков проблем во училиштето.
"Јас сум на боледување. Ваков случај немало во училиштето, и тоа што ви го кажуваат родителите не е вистина", рече Ѓурчиновски.
Ниту психологот во училиштето не сакаше да ни даде одговор за овој случај, и н упати официјално да се обратиме до училиштето.