Многумина од нас не можат да си го замислат животот без автомобил, смартфон, лап-топ и часовник, но за Мирјам Ленсвуд таквиот живот е совршен. 30-годишната Холанѓанка и нејзиниот сопруг Петер (63) отишле во дивината во Нов Зеланд и планирале таму да живеат една година, за да се обидат да живеат без технологија, струја и да бидат надвор од општеството. Тоа се продолжило во наредните седум години и тие денес не планираат да се вратат во цивилизацијата.
Таа вели: „Сакавме да бидеме дел од природата, не само да ја набљудуваме. Се прашувавме дали ќе можеме да издржиме една година“.
Тие спакувале житарици, млеко во прав, брашно, квасец, мед, спанаќ, зеленчук – вкупно 85 килограми. Мирјам вели дека внимателно пресметале колку им е потребно и пребројале се, вклучувајќи ги и ќесичките за чај.
За да се подготват за пат, повеќе пати оделе на 10-дневни планинарски излети и вежбале како да палат оган кога врне. Мирјам била уверена дека ќе успеат и поради тоа што била наставничка по физичко и низ насмевка додава: „Знам да ракувам со лак и стрела и да погодувам мети и мислев дека тоа ќе ми биде од корист, но не знаев дека многу е потешко да погодите мета која се движи.“
Првото животно, опосум, го фатила оваа година. Пред тоа долго време била вегетаријанец, но сфатила дека мораат да ловат за да не смрзнат. Потоа со лак и стрела ја фатила првата дива коза. „Мислев дека тоа е ужасно, плачев, но сепак подоцна бев горда на себе.“
Животот во дивина набргу станал нормална работа за овој пар. Ловеле, подготвувале храна и истражувале, а во населените места навраќале само кога морале да ги дополнат залихите.
Мирјам вели: „Во дивината не ви се потребни пари. Во местата обично купуваме житарици, мед и спанаќ и тогаш подигнувам пари од банка, но често свирам гитара во трговските центри за да заработам нешто. Неверојатно е колку подобро се чувствуваш кога ќе се оддалечиш од современиот начин на живот. Кога умот ти е смирен,полесно заспиваш. Веќе не можам да заспијам во град.“
И недостастуваат родителите, па им пишува писма, која им ги дава на ловците кои ловат во околина и ги замолува да ги пратат. Нејзините родители и одговараат преку мејл, а на секои два-три месеци кога оди во населено место, таа го проверува мејлот.
„Неверојатно е колку животот во дивина води кон мир и смирување.“
Една од најважните лекции кои ги научила за време на престојот во дивина е тоа колку се всушност безначајни работите кои ги сметаме за проблеми. „Тоа ми помогна да ја пребродам анксиозноста. Среќна сум и здрава, а истражувањето ми дава радост и енергија.“
Таа вели дека за да направите вакво нешто, морате да бидете физички силни, издржливи и цврсти. „Сепак, би го препорачала тоа на многумина луѓе. Не верувам дека некогаш ќе се вратам во цивилизација.“