Променливо и нестабилно време нѐ очекува наредниот период, особено во попладневните часови, за кога Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозира зачестена појава на локален пороен дожд и грмежи.
Силни електрични празнења имаше и минатата недела, а во соседна Србија двајца мажи починале на самото место откако додека ловеле риба во барата кај месноста Малошишта удрил гром. Вакви трагични настани предизвикани од грмежи речиси секоја година има и кај нас, а најмногу во пролетните и летните месеци, кога најчесто има краткотрајни невремиња со многу електрични празнења. Несреќниот случај во Србија треба да биде потсетување дека луѓето често подзабораваат на опасноста на грмежите и дека затоа мора да се знаат основните правила за заштита и за помош во случај на удар од гром.
Громот е празнење на електрицитетот при невреме. Ако временското растојание од светнувањето на молњата до татнежот е помало или еднакво на три секунди, тоа значи дека громот удрил на само километар од нас, па има шанси и да стигне до нас. Кај нас од гром најчесто починуваат оние што се нашле на отворено, на пример во нива додека ја паселе стоката... Затоа метеоролозите советуваат да не се седи на отворени места, туку на заштитени, онаму каде што има громобрани. Тие истакнуваат дека е мит верувањето оти молњата не може да удри повеќепати на исто место и дека нема правило оти секогаш удира во највисоки објекти.
За заштита од громови треба да се внимава на неколку правила. Имено, пред заминување на планина или на отворен простор добро е да се информираме за временските услови. На планина невремето е честа појава налето, а доколку наидува, треба да се засолниме на сигурно место.
Доколку се престојува во ѕидан објект а грми, треба да се избегнува да се стои покрај прозорци и врати, метални столбови, метални предмети.
За на планина, како сигурно место се сметаат големите пештери. Небезбедно, пак, е покрај мали карпи, плитки јами, мокри карпи.
Некои од предупредувањата за заштита велат дека секој проводник на струја што е поставен над висината на рамото ја зголемува опасноста од директен удар. При невреме луѓето не треба да се движат во голема група. Движењето во помали групи го намалува ризикот да има многу жртви доколку удри гром.
Правилата за заштита велат дека треба да се избегнуваат осамените стебла и рабови на шуми, да се избегнува престој покрај струјните водови. Шаторот не е заштита.
Кога грми во близина а сме дома, треба да ги исклучиме сите електронски апарати, како што се телевизор и компјутер, затоа што громот може да ги оштети и да предизвика пожар. Треба да избегнуваме да зборуваме на телефон, и на фиксен и на мобилен, не треба да стоиме покрај прозорец, не треба да излегуваме на балкон или на издадени места од објектот, треба да се држиме настрана од секакви метални инсталации во домот, како и да бидеме подалеку од штекерите и прекинувачите, од кои, додека грми, може да се појават искри. Треба да се избегнува и работа во кујна или во бања.
Во случај на гром, кога има повредени, советува д-р Анета Димовска, раководителка на скопската служба за итна помош - 194, веднаш треба да се повикаат на помош лекарите од оваа служба. Доколку има повеќе повредени, вели таа, треба да се направи тријажа и да им се помага прво на оние што имаат најголеми шанси да преживеат.
- Веднаш треба да се повика итна медицинска помош - 194. На жртвата од удар на гром може веднаш да ѝ се пристапи со допир,спасителот е сосема безбеден. Спасителот треба да се грижи и за сопствената сигурност. Доколку е во можност, треба да ја премести жртвата на посигурно место. Прва помош се дава ако повредениот е без свест, ако има испрекинато дишење или ако не дише, нема опиплив пулс, има раширени зеници. При прва помош прво треба да се ослободат дишните патишта на повредениот. Тој треба да се постави на грб и да се започне со масажа на срцето. Со двете раце, една врз друга, 10 пати се притискаат градите, во временско растојание од 1 секунда. Притискањето треба да е толку силно што градниот кош ќе се спушти до 5 сантиметри. Доколку повредениот не почне да дише, постапката треба да се повтори или да се почне со оживување по принципот уста на уста. Онесвестената жртва од гром треба да ја поставите во странична положба, а доколку има скршеници, рани или изгореници, тие треба да се згрижат - вели Димовска.
ЗАБОРАВЕТЕ НА МОБИЛНИОТ, ИСКЛУЧЕТЕ ГО РАДИОТО
Кога грми, на отворено не треба да се користат мобилните телефони и радиоуредите. Громот до нас може да го доведат и мокри јажиња. Доколку сме во автомобил, треба да ја отстраниме антената за радио, доколку ја има, и треба да се оддалечиме од металните предмети и шофершајбната.