Речиси стотици возила се обиени овој месец во Скопје. Полицијата не открива детали за приведени или осомничени. Во меѓувреме граѓаните се самоорганизираат преку Фејсбук за препознавање на крадците од видеоснимките.
Само во Општина Карпош во првите десетина дена од јуни се обиени триесетина возила. На први овој месец оштетени се 6 возила на булевар Илинденска при што од истите се одземени предмети што се наоѓале во возилата. На десетти јуни оштетени се 10 возила во гаражен простор на улица Разловечко востание при што од истите се одземени предмети. На истиот ден десетти оштетени се околу 5 возила на улица Пресека, исто така биле одземени предмети. По само два дена на дванаесетти во подземните гаражи на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов оштетени се околу 10 возила и одземени предмети.
Сепак обивачите не застанале само на Карпош, и граѓани од Чаир исто така се пожалија дека нивните автомобили биле мета на разбојници. Најчесто крадците правеле поголема штета на автомобилите од она што реално го наоѓале внатре од нив. Најчесто страдале стаклата на автомобилите, а биле земени секакви предмети што ќе нашле внатре во автомобилите.
Повеќе од десет возила беа оштетени и во станбениот комплекс Гранд Престиж. Сите се обиени на идентичен начин со обивање на ветробранското стакло, по што видливи се траги од пребарување во внатрешноста на возилата.
Претежно недостигаат поситни предмети и уреди како очила за сонце, помали суми пари кои ги оставиле во касетите од своите возила и други помали предмети.
Последниов месец дена сличен обид за провала во подземни гаражи се случи и во скопската населба Капиштец. Во населбата Кисела Вода, пак, пред неколку седмици обиени се десетици подруми и гаражи во еден блок. Обивање на автомобили пријавија и жителите на Аеродром.