Сум видела милион зајдисонца на различни страни од Европа. Секое од нив било убаво, прекрасно, без двоумење. Во секое од нив сум уживала бескрајно. Но, само едно е зајдисонцето во Скопје, заедно со мирот и спокојот кои ми се на дланка секогаш кога го гледам.
Зајдисонцето во Скопје за секој жител на Скопје е посебна магија. Без оглед дали го гледаме од Водно, седнати на некоја клупа во парк или додека го пиеме кафето на тераса, зајдисонцето во Скопје носи спокој, носи насмевка која е предизвикана од спомените кои залезот на сонцето ни ги нуди, но и насмевка при помислата за сите идни зајдисонца кои ќе ги дочекаме.
Обожавам кога ќе седнам на некоја осамена клупа, додека од слушалките кои ми се во уши допираат мелодиите на моите омилени песни. Со кафе во рака го чекам зајдисонцето во Скопје. Зајдисонцето кое ми донело толку многу спомени – и убави и тажни. Зајдисонцето кое ме носи во времињата на детската безгрижност, кога залезот на сонцето значеше дека на играњето му доаѓа крај и дека мораме да си одиме дома. Зајдисонцето кое ги одбележувало сите важни настани. Сите дружења, сите емоции, сите мезиња и кафиња.
Колку љубови се родени за време на заоѓањето на сонцето, а колку пак заминале во историјата. Зајдисонце полно со спомени. Натежнало од сите емоции. Шарениот спектар на бои кои се прекршуваат со последните сончеви зраци ни’ја будат душата...
Зајдисонцето во секое просечно маало е задоволство да се гледа, детскиот џагор и преговарањата да се остане уште половина час, жмурката и детската смеа. Зајдисонцето е сведок и на таблата која се врти и семките кои се грицкаат. Пензионерите уживаат во зајдисонцето шетајќи се со своите пријатели потсетувајќи се на младоста. Прекрасна глетка која обожавам да ја гледам за време на моите прошетки во овој период од денот.
Затоа секогаш зајдисонцето во Скопје ќе ми биде поубаво од било кое друго зајдисонце во светот. Тие емоции и тие бои кои ја допираат мојата душа не може да ми ги понуди ниту едно друго зајдисонце. Тие спомени и моменти не може да ги создаде друго зајдисонце, каде било на овој свет.
Зајдисонцето во Скопје е сведок на нашето детство, нашата младост, нашата зрелост и нашата старост. Тоа секогаш ќе биде тука со своите раскошни бои, да не’ потсети на прекрасните мигови кои заминале, но ќе биде тука и кога ќе ги создаваме и новите моменти кои некогаш ќе бидат спомени.