Проектот кој Град Скопје го спроведе пред извесно време наиде на поделени мислења кај граѓани, во врска со воопшто потребата од градски плажи во Скопје и нивната намена, односно колку навистина луѓето ќе ги користат. По тоа прашање се одзваа од Градот, на прес-конференција изнесувајќи податоци кои јасно покажуваат дека самите плажи, но и пропратните содржини кои ги имаат привлекуваат се поголем број на посетители.
Според нив, градските плажи во текот на една сезона ги посетуваат нешто повеќе од 10 000 луѓе. Најатрактивни од содржините се песочните терени за одбојка и фудбал. Овие содржини граѓаните можат да ги користат бесплатно, било кога, но максимум 1 час. Покрај граѓаните, терените масовно се користат и за организирање на спортски манифестации и собири.
Изградбата на плажите е само дел од големиот проект на Градот за развој на спортско-рекреативен амбиент долж реката Вардар, проект на кој работат и општините Аеродром, Карпош и Центар. Просторот покрај кејот редовно се одржува, изградени се велисипедски патеки од двете страни на реката кои се протегаат од Влае до Ново Лисиче во должина од 15 километри. Масовно посетени се и реквизитите за вежбање кои ги има на неколку локации, како и новиот скејт-парк позади зградата на Владата.
Последниот период имаше реакции во јавноста во врска со затворањето на плажата „Камен Мост“, за што од Град Скопје, исто така излегоа со соопштение во кое се вели дека плажата е времено оставена надвор од функција поради градежни работи кои се вршат во тој дел од Центар. Целокупната урбана опрема е демонтирана и неоштетена, сместена во депоата на градските претпријатија со цел да биде вратена во функција штом завршат градежните активности.