Жештините кои го зафатија регионот во последните неколку дена, се чини дека луѓето ги дочекаа неподготвени. Вистински почеток на летото, како календарски така и според температурата. Топлото време ги мачи граѓаните дури и навечер. Единствен спас е во клима уредите, кои е општо познато дека не се најздравото решение, особено доколку се вклучени подолго време.
Зголемен број на лица кои колабирале од високите температури забележен е на ниво на целата држава. Па така, линиите на брза помош не престануваат да ѕвонат. Лекарите имаат полни раце работа иако во поголем број од случаевите не се работи за нешто сериозно. Покрај жештините и променливото време влијае лошо на луѓето кои и онака имаат здравствени проблеми.
„Портокалова фаза“ веќе неколку дена е прогласена на територијата на Македонија, со температури околу 38 степен. Препораките на лекарите се да се избегнува директна изложеност на сонце во периодот помеѓу 11 и 17 часот, да се внесува поголемо количество на вода и да се внимава на исхраната. Лицата кои имаат проблеми со здравјето, треба навреме да ја земаат својата терапија и да имаат балансирана диета. Овојшје и зеленчук се најважни за функционирањето на организмот во летниот период, а пазарите изобилуваат со сезонско овошје кое не е скапо.