Амајлии, невестински украс за глава, обетки, ѓердани, прстени, чибуци, бастуни, кутии за накит и цигари, народни носии од различни региони низ Македонија, се дел од етнолошката поставка која е отворена во етномузејот во комплексот „Македонско етно село“ во селото Нерези. Комплексот е отворен пред неполн месец, а етнолошката поставка беше презентирана од страна на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, од директорката на Музејот на Македонија, Мирјана Нинчовска и од директорот на комплексот „Македонско етносело“, Павле Камиловски.
Како што истакна министерката за култура, станува збор за уникатна музејско-етнолошка поставка која содржи вреден и ексклузивен накит, 150 уникатни предмети, кои досега не биле изложени, како и најразлични носии карактеристични за периодот од крајот на 19 и почетокот на 20 век, што се дел од богатата колекција на етнолошки материјали и предмети што го поседува Музејот на Македонија.
„Етнолошката поставка е сместена на првиот кат на музејот на површина од 132 метри квадратни, а вториот кат со површина од 100 квадратни метри е наменет за одржување мултимедијални активности, презентации, промоции, семинари, конференции“, дополни Канческа-Милевска.
Според кустос-советникот за народен накит и занаети во Музејот на Македонија, Милена Петровиќ, изложен е најрепрезентативниот материјал кој бил презентиран и во Брисел и во Марсеј. „Тука е поставен најубавиот накит изработен од сребро, злато, филигран, монистра, работен во сите техники во кои во минатото се работело, како ковање, леење, филигранство“, посочи Петровиќ.
Директорката на Музејот на Македонија, Мирјана Нинчевска, потенцираше дека преку мултимедијален пристап успешно успеале на толку мал простор да ја претстават темата „македонско село“. „Во витрините се поставени најекслузивни предмети, накит, полуксузни занаетчиски производи бидејќи во македонското село функционирале сите занаети. Не се произведувало само основното за преживување, туку во културата на живеење на македонското село е присутно и богатото украсување, чествувањето на многу случки од секојдневниот живот“, рече таа.
Покрај изложените предмети, музејот поседува фото и видео материјали, а на видеомониторите се презентираат етнолошки кратки, документарни филмови кои ги прикажуваат карактеристичните занаети за Македонија. Меѓу другите се проектираат и кратките филмови на браќата Манаки, „Баба Деспина“ и „Домашна работа - предилки“. Инаку, во етномузејот кој е отворен од 10 до 22 часот се вработени кустоси, водичи и други стручни лица, а планирано е поставката да се менува на секои шест месеци.
Претставувајќи го комплексот „Македонско етносело“, Канческа-Милевска посочи дека тој поседува 12 типски куќи од Охрид, Крушево, Кратово, Галичник, Прилеп, Малешевијата кои ја претставуваат архитектурата во Република Македонија. „’Македонско етносело’ има културолошко-историска димензија, ја презентира културата на живеење на различните региони во Македонија преку најразлични обичаи кои можеме да ги видиме во секоја куќа посебно, а не'запознава и со нивната архитектура. Автентичните куќи го карактеризираат културното живеење во македонското село преку различните занаети, стопанството и економијата која била карактеристична за тој период. Воедно можеме да се запознаеме со голем број занаети, преку грнчарската работилница каде што се изработуваат предмети кои се и во функција на продажба, работилница-ткајачница, работилница за филгранство“, посочи министерката за култура, истакнувајќи дека за неполн месец од неговото отворање, комплексот го виделе над 20 илјади посетители.