К-15 и годинава ќе се дели, но сумата ќе зависи од финансиската кондиција на фирмата. Иако во Колективниот договор за стопанство е предвидено висината на регресот за годишен одмор да не биде помала од 40 проценти од просечната исплатена плата во државата во последните три месеци, односно нешто над 8.500 денари, и годинава, втора година по ред, според најавите на работодците најголем дел од работниците ќе примат многу помалку.
Влошената состојба на стопанстовот поради политичката криза, велат бизнисмените, ќе биде причина оваа година поголем дел од фирмите да ја искористи клаузулата од Колективниот договор за стопаснтвото која им овозможува исплата под минимумот, во договор со синдикатот или претставник на работниците.
Според информациите од терен, исплатата на К-15 е веќе почната. Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, вели дека со исплата веќе почнале фирмите кои се во добра фианансиска состојба и кои можат да го исплатат барем законски предвидениот минимум. Останатите, информира тој, ќе прават пресметки колку можат да издвојат и исплатата ќе ја завршат во законски предвиденито рок, до крајот на годинава.
Општиот колективен договор за стопанство истекува оваа година, но како што појаснува тој, доколку не почнат преговори за нов, може автоматски да се продолжи и во наредните две години.
Инаку, К-15 е придобивка која вработените во стопанскиот сектор во државата ја користат веќе трета година. Само првата година, во 2014, работниците ја добија загарантираната минимална сума од околу 8.500 денари, додека од лани, со договор на синдикалците и работодавачите се овозможи во исклучителни случаи работодавците да исплаќаат помалку ако финансиската состојба не им е добра. Но исклучокот лани стана правило, па некои компаниии исплатуваа и по 100 денари, само за да го задоволат законот и да не бидат казнети. Се очекува дека и годинава ќе биде слично.
Анализите на Сојузот на синдикатите на Македонија покажаа дека лани 10 до 15 проценти од компаниите не ја исполниле законската обврска и на работниците не им исплатиле регрес за годишен одмор. ССМ оцени дека само мал дел од фирмите во договор со раобтниците исплатиле помалку од минимумот, но откри и такви работнодавци кои на работниците им уплатиле К-15 на сметките, а потоа побарале тие пари да им се вратат.
Инаку, К-15 им следува и на работниците кои се вработиле оваа година, под услов на работното место да останат најмалку шест месеци. Правилото за остварување на ова право е во континуитет да се работи во истата фирма шест месеци во календарската година. Исплатата на регресот за годишен одмор почнува на 1 јули, а треба да заврши до 31 декември во тековната година.