Витамините се супстанции кои се вклучени во процесот на создавање на енергија, неопходни се за нормално функционирање на организмот, формирање на клетки и сврзно ткиво, како и други метаболички процеси.
Телото не ги произведува, затоа е потребно секојдевно да се внесуваат со храната. Најважните витамини се А, Б комплекс, Ц, Д, Е и К. Бидејќи се неопходни за нашето тело, отсуство на еден или повеќе витамини, во тек на долг временски период, може да предизвика здравствени проблеми.
Недостаток на витамин Ц
Овој недостаток често се сретнува во случај на зголемен физички напор, инфекции, за време на бременост и доење. Симптомите се слаба меморија, скорбут, проширени вени, формирање на тромб, гастроинтестинални нарушувања, замор, губење на апетит. Добар извор на витамин Ц се овошјето и зеленчукот.
Недостаток на витамин А
Најчесто се изразува преку промени во очите. Најраните симптоми се слабеење на видот во самрак, познато и како „ноќно слепило“. Витаминот А е потребен за здрава репродукција, рамнотежа на хормони, за правилен раст и за балансирање на шеќерот во крвта. Други симптоми се замор, недостаток на апетит, дамки на кожата, сува кожа, формирање на првут, кршливи нокти и др. Најмногу витамин А се содржи во риби, путер, жолчка од јајце, млеко и млечни производи.
Недостаток на витамин Д
Најпрво ќе се манифестира преку промени на коскеното ткиво. Витаминот Д превентивно им се дава на бебињата до една година возраст. Освен проблеми со коски, други симптоми кои можат да се вклучат се замор и потење. Сончевата светлина го стимулира телото да произведе витамин Д, а храната која го содржи е риба, печурки, млеко, жолчка од јајце, говедски црн дроб и овес.
Недостаток на витамин Е
Надворешните симптоми не се видливи, овој недостаток може да се утврди само со анализа на крвта. Недостаток на овој витамин ги намалува црвените крвни клетки, што може да предизвика анемија. Хроничен недостаток на витамин Е може да доведе до оштетување на бубрезите и црниот дроб, дегенерација на репродуктивните органи и мускулна дистрофија. Природни извори на овој витамин се млеко, морска храна, брокула, путер, маслинки, соја, ореви и лешници.
Недостаток на витамин Б
Ако на телото му недостига витамин Б1, симптомите се слабост, невролошки пореметувања, грчење на мускули, недостаток на апетит и др. Во случај на комплетен недостаток на овој витамин настапува болест бери-бери. Ако на телото му недостига витамин Б2, често во аглите на усните можат да се најдат оштетувања на кожата во форма на рани. Исто така, можни се алергиски реакции и воспалителни промени на кожата. За недостаток на витамин Б3 симптомите се мускулна слабост, замор, губење на апетит, дигестивни проблеми и воспаление на кожата. Хроничен недостаток може да предизвика болест пелагра. Б6 регулира расположение, ПМС и други ментални нарушувања. Недостаток на овој витамин се јавува кај дијабетичари, постари лица, бремени жени и доилки. Симптоми се заболување на бубрези, грчеви во нозе, раздразливост, несоница, анемија. Б7 е битен за здрава кожа, а недостаток на истиот се проблеми со кожата, пукање на нокти и губење на коса. Б9 витаминот е познат под името фолна киселина. Недостаток на овој витамин се јавува кај бремени жени и кај алкохоличари. Голем недостаток на фолна киселина во организмот може да доведе до мегалобластична анемија.