Повеќето луѓе немаат речиси никакви сеќавања од периодот кога биле бебиња и помнат многу малку работи што се случиле до нивната седма година.
Кога се обидуваме да се сетиме на нешто од тој период, не ни е најјасно дали се работи за нашите сеќавања или фотографии и приказни кои другите ни ги раскажувале. Овој феномен кој ги мачи психологите и лекарите е познат како детска амнезија. По 100 години напорна работа и истражување на ова поле, овој феномен се уште не потполно јасен.
На прв поглед изгледа дека причината за детската амнезија е тоа што бебињата во раната фаза на својот развој се уште немаат потполно развиено помнење. Меѓутоа, експериментите докажале дека децата до шест месеци формираат краткотрајна меморија од неколку минути, како и долготрајно помнење кое може да трае неколку недели.
Бебињата запамтиле како да го вклучат електричниот воз со притискање на копче и тоа успеале да го повторат три недели по последниот допир со играчката. Децата кои се уште не тргнале во училиште можат да се сетат на настани кои се стари неколку години и кои се врзани лично за нив и кои се случиле на специфични места и во одреден важен момент.
Способноста за паметење кај луѓето се развива до периодот на адолесценција и овие промени во развојот можеби се најдобрите објаснувања за овој феномен на детска амнезија.
Основните мемориски процеси активираат неколку региони во мозокот и постојат во етапата на формирање спомени, нивно складирање и подоцнежно евоцирање. Хипокампусот, делот од мозокот кој е задолжен за формирање на спомените, се развива до седмата година.
Границата до која оди сеќавањето, најчесто е до 3 и пол години и потоа се померува погоре како што старееме. Децата и тинеџјерите можат појасно да се сетат на настани од порани период од животот за разлика од возрасните, па се чини дека чувањето на сеќавањата е поголем проблем од неговото формирање.
Уште еден фактор кој има улога во помнењето е јазикот. Во периодот од првата до шестата година, децата учат да говорат и напредуваат од познавање на еден збор до течен говор. Овој период се поклопува со периодот на детска амнезија. Тогаш се учи говорење во минато време и зборови поврзани со помнењето, како на пример: „запомни“ и „заборави“. Способноста нешто да се запамети е врзана и со познавање на заменките, од кои на децата секако омилена им е „мое“.