Градските власти ќе го решаваат проблемот со сообраќајниот метеж кој е редовна слика на крстосницата кај Тутунски комбинат. Нова улица ќе се пробие 150 метри од зградата Адора Флетајрон и ќе ги поврзува населбите Кисела Вода и Аеродром. Таа ќе се движи покрај амбулантата „Пролет“, ќе го пресече булеварот „Трета македонска бригада“ и ќе се спои со „Никола Карев“ кај Транспортниот центар.
Стартот на проектот се очекува наредната пролет. Новата улица ќе се вика „Есенинова“ и ќе претставува скратен пат за сите оние кои сакаат го заобиколат Центар и метежот кој се прави во ударните часови. Имотно-правните односи поврзани со трасата на улицата се веќе расчистени. На трасата се наоѓа и резервоар со вода, кој треба да биде дислоциран, а наместо него ќе бидат направени подземни бунари.
За изградбата на улицата Град Скопје, ќе издвои 30 милиони денари од буџетот за 2017 година.