Душеци, јамболлии, казанчиња, коски, дрва, градежен шут и влажни марамчиња се дел од инфраструктурниот кошмар за комуналците што секојдневно го вадат од канализациската мрежа во метрополата. Проблемот со затнувањето на атмосферските шахти дополнително го усложнува и сезонското паѓање на лисјата, кои ако не се соберат навреме, прават биопломба што не дозволува слевање на атмосферската вода во шахтите, пишува Нова Македонија.
Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека неразградливите материјали претставуваат проблем оти на удар од нив е канализациска мрежа во сите населби без исклучок. Токму затоа една од главните цели на јавното претпријатие е издигнување на свеста кај граѓаните. Оти како што велат ако продолжи овој тренд, поплава во домовите и на улиците е неизбежна.
- Имаме реален проблем со фрлање отпадоци и цврсти предмети од страна на несовесни граѓани во канализациските мрежи. ЈП „Водовод и канализација“ интервенира често и секојдневно се соочуваме со овој проблем. Притоа од мрежата се вадат, различни цврсти предмети, казанчиња, ќебиња, јамболлии, кожи, коски, зелки, камења, цели душеци, кабли, дрва, трупци, градежен шут и други неразградливи материјали. Сите овие работи го намалуваат капацитетот на самата мрежа, истата таа може да се затне и потоа да се поплави самата улица или да се случи поголема штета кај граѓаните - велат во ЈП „Водовод и канализација“.
Надлежните појаснуваат оти најкритичен период за вештачкото затнување на канализацијата е периодот при крајот на зимата и почетокот на пролетта каде што фрлањето зимница и коски од животни е своевидна традиција за скопјани.
- Што се однесува на периодот во кој се фрлаат ваквите отпадоци најмногу, може да се каже дека периодот на завршување на зимата и почетокот на пролетта е најкритичен. Фрлањето на зимницата околу празниците и славите, каде што се консумира месо од животни, а потоа остатокот се фрла во канализацијата е редовна појава. Оттаму потекнуваат многуте коски и кожи што ги пронаоѓаат нашите екипи во системот - велат од претпријатието.
Јавното претпријатие упати и апел до сите граѓани да не фрлаат неразградливи материјали во системот како што се влажните марамчиња. Според нив тие можат да направат голем проблем во самата мрежа што може да доведе до поплави.
- Исто така би сакале да нагласиме и наедно да упатиме апел до граѓаните, дека најголем проблем ни создаваат влажните марамчиња што се фрлаат во мрежата и сличните материјали како нив. Тие не се разградливи и притоа доаѓа до затнување на мрежата. Значи неразградливоста на овие материјали е причината поради која треба да се избегнува да се фрлаат во мрежата. Токму затоа и ваков апел до корисниците вметнавме и во самите сметки, во кои се истакна дека влажните марамчиња не треба да се фрлаат во мрежата - изјавија од ЈП „Водовод и канализација“.
Од „Паркови и зеленило“ ни објаснија дека тие редовно ги собираат паднатите лисја, кои подоцна се преработуваат во природно ѓубриво, кое се користи за потребите на „Флораком“.
- Во кругот на ЈП „Паркови и зеленило“ постои дел за компостирање на лисјата. Дел од насобраната лисна маса секојдневно се носи во тој дел, каде што се таложи за да ферментира во ѓубриво, кое се користи за потребите на производство во „Флораком“ - велат од јавното претпријатие.