Со акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, во среда, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски заедно со советници во Советот, градската администрација, вработени во јавните претпријатија и ученици во средните училишта, ќе го пошумува голиот парк во Ново Лисиче.
Парок, што беше пуштен во употреба во јули годинава, а беше најавен како најголемиот парк во Аеродром на површина од 100.000 квадратни метри, кој се простира покрај реката Вардар, беше критикуван затоа што освен трева и пропратни парковски елементи, нема ниту едно дрво. Паркот се наоѓа во близина на последната автобуска станица на линијата број „5“ во Ново Лисиче.
„Покрај огромната површина парковско зеленило и садници, новиот парк содржи трим патеки, чешми за пиење вода, клупи, канти за отпадоци, летниковци, жардиниери, повеќенаменско спортско игралиште, две детски игралишта, хидрантска мрежа, како и осветлување со над 150 канделабри. Есенва се очекува во паркот да се насадат и околу 600 дрвца“, беше најавено на отворањето.
Паркот свечено го пуштија во употреба градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски.
Вкупната вредност на паркот изнесува 50 милиони денари.