Одделот за граѓански дела при Врховниот суд на РМ произнесе став по прашањето кој е одговорен да исплати надоместок за штета причинета од каснување на куче-скитник.
Мислењето по прашањето доставено од неколку апелациони судови од целата држава става во игра три институции кои се одговорни за собирање и грижа на кучињата-скитници.
Општината, Градот и Јавното комунално претпријатие се институциите кои сносат солидарна одговорност за надоместување на штетата. Во целост мислењето на Судот е образложено: „Поаѓајќи од фактот дека општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје имаат утврдена законска надлежност да вршат собирање на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта, како и од фактот дека уловување и ерадикцијата на животните скитници претставува комунална дејност, за која општината, општините во Градот Скопје и Градот Скопје може да основаат јавно претпријатие или вршењето на оваа дејност да го доверат на правно лице, следуваше да се донесе правното мислење, како што е погоре наведено.
Оттука, прашањето за постоењето на солидарната одговорност на општината, односно Градот Скопје и Јавното комунално претпријатие, судовите ќе треба да го расчистуваат преку утврдување на фактот дали општината, односно Градот Скопје со договор ја пренел (доверил) надлежноста на собирањето на кучиња скитници и нерегистрираните кучиња“.