Од почетокот на годината досега комуналните редари по основ на прекршување на Законот за јавна чистота во главниот град санкционирале повеќе од 350 граѓани.
Комуналните редари казнувале по многу основи од законот, но најмногу за фрлање на опушоци, на отпадоци по јавни површини, како и за фрлање на шут на јавни површини или на места кои не се опеределени за такво нешто. Во текот на целата година лани, пак се санкционирани 1.400 граѓани кои го прекшиле Законот за јавна чистота, од кои речиси сразмерно исто во двете шестомесечија.
- Оттука може да се констатира дека казнувањата во претходните години превентивно делуваат и дека граѓаните покажувааат се поголема свест за одржување на јавната чистота. Комуналните редари и понатаму ќе продолжат совесно да ги извршуваат своите задачи со цел уште повеќе да се зголеми јавната свест за зачувувањето на јавната чистота, истакнуваат од Град Скопје, за Вечер.
Од Градот нагласуваат дека податоците за 350-те санкционирани прекршители се прелиминарни затоа што се уште не се систематизирани до крај податоците и затоа што во последните две седмици беше отежнато и работењето на инспекциските служби поради настанатиот системски вакуум во локалните самоуправи.
Иако, поради казните, граѓаните веќе не се чувствуваат толку безгрижно кога фрлаат отпадоци на јавни површини, на терен сликата покажува дека Скопје се уште е далеку да би се пофалил како чист град.Ѓубре се уште се фрла секаде, само не во контејнерите и корпите за отпадоци, а улиците, тротоарите, пешачките зони, автобуските постојки се полни со отпушоци, кеси, пластични кеси, хартии, амбалажи...
Според Законот за јавна чистота комуналните редари на прекршителите им изрекуваат налози за прекршочни казни. Казната изнесува 50 евра во денарска противвредност. Казната може да се замени со општествено полезна работа, но многу мал дел од казнетите ја прифаќаат оваа солуција.
Некои ги плаќаат налозите, а на оние што не сакаат да ги платат казните им се упатуваат на извршител. Во прекршоците по оваа основа се казнува фрлање хартии, догорчиња, мастики на јавни површини, уринирање на јавни површини и друг вид прекршоци што спаѓаат под Законот за јавна чистота.