Quantcast
Channel: skopjeinfo.mk
Viewing all 35086 articles
Browse latest View live

Пакети со основни животни намирници за социјално загрозени семејства од Општина Центар

$
0
0

Вкупно 150 пакети со основни животни намирници им подели денеска градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќм и општинската администрација на семејства со висок социјален ризик кои живеат на територијата на општината. Пакетите се состојат од храна и средства за лична хигиена, а акцијата се спроведе пред управната зграда на ЈП ПОЦ, информираат од општината.

Акцијата, која има за цел помош и поддршка на социјално загрозени семејства, веќе трет месец се спроведува во рамки на проектот „НулаГлад“ што општината го реализира во соработка со невладината организација „Банка за Храна“. Проектот продолжува да се реализира секој месец со поддршка од маркетите: Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак, Гранап и Кит Го кои редовно ги обезбедуваат потребните намирници.

На почетокот на проектот, Богдановиќ ги потенцира загрижувачките податоци за семејства кои го минуваат денот со само еден оброк и испрати апел и до другите компании, институции и граѓани да бидат општествено одговорни и да се приклучат кон акцијата, со цел колку што е можно повеќе да им го олеснат животот на социјално загрозените семејства.

Организацијата „Банка за храна“ – Македонија е непрофитна, добротворна, хуманитарна организација чија главна дејност е собирање на прехранбени продукти и други основни животни намирници, нивно складирање, сортирање и дистрибуција до сиромашните и социјално загрозените категории со посредство на хуманитарните организации, социјалните установи и институции што исто така помагаат и се вклучени во борбата против сиромаштијата и гладта, се наведува во соопштението од општина Центар.


Делегација на Град Скопје положи цвеќе пред споменикот на депортираните македонски Евреи

$
0
0

Во рамки на одбележувањето 76 години од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, делегација на Град Скопје, предводена од претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска /11.03.2019 година/, положи цвеќе пред Споменикот на 7144 депортирани македонски Евреи, кај поранешниот Монопол (Тутунски комбинат) во Скопје.

 

Тешка сообраќајка кај ХЕЦ „Козјак“: Удрил во автомобил и побегнал - жена тешко повредена

$
0
0

Вчера околу 10 часот и 40 минути на регионалниот пат Скопје – ХЕЦ „Козјак“ се случила сообраќајна незгода, соопштуваат од МВР.

Имено патничко возило „Опел корса“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 70- годишната Д.Ј од Скопје и непознато возило управувано од непознато лице, кое по незгодата го напуштило местото на настанот.

По судирот, возилото „Опел корса“ удрило во бетонска ограда и притоа со тешки телесни повреди се здобила Д.Ј, која со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ каде и била укажана лекарска помош.

Извршен бил увид на местото и се работи на расчистување на случајот.

Девојче нападнато во парк во Козле

$
0
0

Синоќа околу 20 часот во СВР Скопје, Т.С. (34) пријавила дека истиот ден околу 13 часот на улица „Јуриј Гагарин“, населба Козле, во парк на детско игралиште, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од женско лице.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Скопјанец со тврд предмет му нанел повреди на соседот

$
0
0

Вчера околу 18:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во село Кучевиште, по претходна вербална расправија, 56-годишниот З.В. физички го нападнал неговиот сосед, 67-годишниот Б.М., при што со тврд предмет му нанел повреди.

Б.М. бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му била укажана помош, а З.В. бил лишен од слобода во Полициската станица Чаир. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.

Децата треба да минуваат барем 3 часа во природа дневно

$
0
0

Доколку веќе сте родители, знаете дека порано на родителите им беше тешко да нѐ задржат внатре. Ги сакавме маалските игри, сакавме да го поминуваме сето слободно време надвор и тешко беше некој да нѐ задржи во затворен простор. Но, денес времињата се поинакви.

Во својата книга „Балансирано живеење: Како играта во природа создава силни и самоуверени деца“, авторот Ангела Ј. Ханском истакнува дека на децата им се потребни барем 3 часа во природа во текот на денот.

Веројатно многу родители би се сложиле и дека немаат толку време за да поминат 3 часа надвор во природа со своите деца. Сепак, без оглед на условите, им го должиме тоа на своите деца -  свеж воздух, зелена природа и помалку време во затворен простор.

Сепак, реалноста е поинаква. Едно истражување спроведено во САД во текот на изминатата година, покажало дека децата минуваат 4-7 минути надвор во просек во текот на денот. Тоа значи дека едно дете минува само 30 минути надвор во текот на неделата.

Иако можеби резултатите во Македонија се пооптомистични од тие во САД, сепак нашите деца заслужуваат повеќе време надвор. Доаѓа пролетта и убавото време. Искористете го за игра.

Родените во март – оптимисти и лидери кои секогаш се борат за тоа што го сакаат

$
0
0

Силна харизма е една од главните карастеристики на луѓето родени во третиот месец од годината. Тие се љубезни личности кои сакаар да им помагаат на другите, но само ако ја добијат почитта што мислат дека ја заслужуваат.

Често се сензуални и романтични, но веруваат дека за вистинската љубов треба да се борат силно, наместо да ја чекаат.

Имаат силна интуиција и се карактеризираат со креативност. Освен тоа се многу интелигентни и се карактеризираат со лидерски вештини. Всушност, според едно истражување, најголем дел од луѓето на раководни позици се родени во март.

Освен тоа, тие се оптимисти кои секогаш веруваат во добрите нешта. Не поднесуваат да бидат покрај луѓе кои постојано се жалат и  никогаш не би сакале таков партнер или пријател до себе. Тие секогаш се борат за тоа што го сакаат и веруваат дека само со позитивен пристап можат да го постигнат тоа.

Кога ќе засакаат нешто, без оглед на тоа дали станува за личност, работа или хоби, тие се многу посветени на тоа. Можат да поминат денови и ноќи посветувајќи се на една работа. Често знаат да бидат гласни, но кога се посветени на нешто, сакаат да се сами и да се посветат на тишината. Иако не делуваат така, тие често се интровертни личности кои размислуваат многу.

За пријателите кои не ги гледаме често

$
0
0

Ова е за пријателите кои не ги гледаме секој ден, но кога ќе ги видиме, се чувствуваме како да не минало многу време. Тие се нашите пријатели од детството, од средно училиште, и од факултетските денови.

Тие се луѓето со кои минавме милион авантури кои нема да ги заборавиме. Оние со кои имавме мрзеливи денови, луди ноќи и стотици убави моменти.

Не ги гледаме многу често, но уште ги сакаме.

Тие се оние пријатели кои не ги гледаме секој ден, всушност не ги гледаме и секој викенд, но со кои кога ќе седнеме можеме да останеме со часови. Со нив, разговорите како да немаат крај, тие се оние пријатели со кои можеме да продолжиме онаму кадешто сме застанале и кои секогаш ги интересира како ни е во животот.

И тогаш кога не се гледаме често, тие се нашата најголема поддршка, нашето рамо за плачење.

Таквите пријателства се вечни. Тие се моќни. Тоа се пријателствата кои траат и кои треба да ги негуваме со сета сила која ја имаме во себе.


Кучињата можат да ги разликуваат добрите и лошите луѓе

$
0
0

Ако имате милениче, веќе знаете дека животните не ги сакаат баш сите луѓе кои ќе ги сретнат. Понекогаш, миленичињата покажуваат големо трпение кон некои луѓе.

Според едно неодамнешно истражување,   кучињата се способни да препознаат дали некој е добра личност. Дополнително, тие можат да оценат дали една личност е лоша кон некој друг.

За да се дојде до овие резултати, истражувачите побарале од сопствениците на кучиња да се однесуваат на одреден начин според некое сценарио, додека кучињата гледале. Според резултатите, кучињата избегнувале или чудно се однесувале кога им бил понуден бисквит од некои од луѓето кои се покажале дека не се толку фини во текот на истражувањето.

Така, ако следен пат видите дека на вашето куче не му се допаѓа некоја личност, забележете го тоа.

Влатко Лозановски ја промовираше „Мајко“

$
0
0

На неколку денови пред големиот концерт, Влатко Лозановски денес ја промовираше песна „Мајко“. Автор на музиката и аранжманот е Лазар Цветковски, текстот го потпишува Магдалена Цветковска. 

 

Намален бројот на туристи и ноќевања

$
0
0

Во јануари годинава земјава ја посетиле 49.021 турист кои оствариле 102.691 ноќевање.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во однос на минатогодишниот јануари е намален за 0,7 отсто, а бројот на ноќевањата за 4,3 проценти. При тоа, бројот на домашни туристи е зголемен за 2,6 отсто, а бројот на странските туристи е намален за 2,7 отсто.

Бројот на ноќевањата на домашните туристи, пак, е зголемен за еден отсто, додека бројот на ноќевањата на странските туристи е намален за 8,4 проценти.

Град Скопје ангажира асистенти кои работат со ученици со посебни потреби и интелектуална попреченост

$
0
0

Градот Скопје за првпат ангажира 17 образовни асистенти кои работат со ученици со посебни образовни потреби или ученици со интелектуална попреченост во 9 средни училишта во Скопје, 5 персонални асистенти за лица со телесна попреченост и 5 негуватели на стари лица, во рамки на програмата за општинско-корисна работа.

Лицата што се работно ангажирани припаѓаат на некоја од ранливите категории на население, вклучувајќи ги и корисниците на социјална помош. Тие беа избрани на јавен оглас што го распиша Градот Скопје во соработка со УНДП и Агенцијата за вработување.

На овој начин, Градот Скопје гради општество без дискриминација, со еднакви права и можности за сите.

Во продолжение прочитајте ги размислувањата на асистентите Јулија Граматикова - Лукиќ, Шемседин Адиловци и Симона Чекова за предизвиците, за искуството и за значењето на инклузивноста во општеството.

- Како образовни асистенти ја имаме можноста директно да придонесеме за поквалитетен живот на лицата со посебни потреби. Средношколците со посебни образовни потреби се соочуваат со потешкотии во совладување на наставната материја заради недоволно адаптирана настава на нивните потреби, недоволна помош од наставниот кадар во процесот на учење поради ограничените можности наставниците да работат само со овие лица, ограничени познавања во користење на соодветни механизми за помош при учење со овие ученици, особено начин на работа со различен тип на интелектуална попреченост. Образовниот асистент во инклузивниот процес на образование придонесува за поквалитетно следење на наставата од учениците со посебни потреби, а придобивките се многу. Се олеснува совладувањето на наставниот материјал, кај ученикот се јавува чувство на припадност кон заедницата и на еден начин станува дел од образовниот систем, а не проблем – вели Јулија Граматикова-Лукиќ, дипломиран професор по филозофија и образовен асистент во СУГС „Никола Карев“.

- Персоналниот асистент на лице со попреченост е еден од „градителите“ на инклузивно општество имајќи ја предвид улогата во креирање и реализирање на секојдневните активности на овие лица и нивното функционирање во актуелниот општествен контекст. Намалувајќи ја нивната зависност од семејството го зголемуваме нивото на самодоверба кај овие лица, се олеснува практичното функционирање, се унапредува комуникацијата со општеството. Се соочуваме со личните и семејни судбини на лицата кои се корисници, но целта на нашиот ангажман е да ја релаксираме состојбата во која се наоѓаат, да им го олесниме животот на лицата со попреченост и да помогнеме полесно да бидат прифатени од околината – објаснува Симона Чекова, персонален асистент на лице со попреченост.

- Овој проект отвора многу можности за сите нас кои сме работно ангажирани од Град Скопје. Стекнуваме нови искуства и знаења, практикуваме вештини кои низ искуството сме ги совладале, ги надградуваме нашите професионални капацитети. Токму затоа ова искуство за мене претставува олеснување на патот до редовно вработување, но и можност за заработка. Да подадете рака и помош на старо и изнемоштено лице кое не може само да се грижи за себе, на кое му е неопходна помош во извршување на секојдневните лични обврски и потреби е хуманата компонента која ги задоволува и двете страни. Низ работата со овие лица придонесуваме за поуспешно функционирање на семејствата – вели Шемседин Адиловци, негувател на стари и изнемоштени лица.

„Риголето“ овој петок во МОБ

$
0
0

Македонската опера и балет Ви го најавува бисерот на оперската уметност - „РИГОЛЕТО", едно од најголемите и најсилни оперски ремек-дела на таткото на операта - великанот Џузепе Верди. Ќе биде изведена на 15 март (петок) со почеток во 20:00 часот.

„Риголето"на Џузепе Верди е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста...

Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува", „Риголето"како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и ("La Donna è mobile"), и на воопшто, убавата мелодиска структура.

Диригент: Бисера Чадловска, Режисер: Нина Најденова (Бугарија)
Сценограф: Живојин Трајановиќ, Костимограф: Марија Пупучевска
Кореограф: Саша Евтимова, Киро Павлов
Настапуваат: Ристе Велков, Наде Талевска, Зоран Сотиров, Александар Стефаноски, Ирена Кавкалевска, Ернес Ибраимовски, Диме Петров, Катерина Стојановска, Драган Ампов, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Десанка Глигоријевиќ, Димитар Кожухаров.
Хорот и оркестарот на МОБ.

Аеродромци во сабота ќе добијат информации како може да придонесат за поубаво и почисто секојдневие

$
0
0

Од Општина Аеродром ги поканувааат во сабота (16.3.2019) од 12 часот во паркчето кај споменикот „Јане Сандански“, сите жителите на тамошната територија да се запознаат со новите мерки што ќе обезбедат почисти јавни површини за сите жители. 

На настанот на кој ќе се претстави новата механизација и реорганизација на службата за комунална хигиена, ќе се обрати градоначалникот г. Златко Марин, а ќе присустваат вработени во комуналната хигиена и официјални претставници на Општината.

Граѓаните ќе добијат информации како може да придонесат за поубаво и почисто секојдневје за секого.

За 2,5 пати е намален превозот на стоки со воз од 2008 година

$
0
0

Македонски железници – Транспорт лани успеала да транспортира 1.668.000 тони стока во домашниот и меѓународниот железнички сообраќај.

Превозот на стока со воз е зголемен за 7,1% во споредба со 2017 година, кога со товарни вагони биле превезени 1.557.000 тони стока. Сепак, ваквиот резултат во работењето е далеку од обемот на превезен товар од пред една деценија, кога со воз во нашата земја биле превезувани и над 4 милиони тони стока.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат три големи пада на товарниот железнички превоз во последните 35 години. Најдрастичен пад е забележан при распадот на СФР Југославија и губењето на некогашниот југословенски пазар. Пред тоа, железницата во земјава успевала да превезе меѓу 6 и 8 милиони тони стока годишно. По надминувањето на транзицискиот период, ситуацијата со товарниот железнички сообраќај била подобрена во текот на првата деценија од XXI век за време на стабилизирањето на севкупната економска и политичка состојба во земјава. Сепак, од 2009 година повторно почнува да опаѓа обемот на превезена стока со воз.

Последниот позначаен пад кај превозот на товар со воз е забележан веднаш по појавувањето на бегалската криза на границата со Грција во 2015 година. И покрај напорите што ги вложува за да го зголеми обемот на работа, Македонски железници – Транспорт во изминативе четири години има за 2 и пол пати помал обем на превезен товар во однос на 2008 година.


Попладнево прегазена жена во Чаир

$
0
0

Попладнево, околу 2.15 часот на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во скопската населба Чаир е прегазена жена, дознава Сител.

По ударот од возило, жената без знаци на живот останала да лежи на улицата.

Граѓани од околните објекти ја покриле со ќебе во очекување на екипа од Брзата помош да констатира смрт кај жртвата, и полиција да изврши увид.

Идентитетот и возраста на жената ќе ги соопшти полицијата, по завршување на увидот.

Металург најавува висока победа над Војводина

$
0
0

Ракометарите на Металург денеска, од 20.30 часот (пренос на МТВ), во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, го играат последниот натпревар пред своја публика сезонава во Регионалната лига, во кој за противник ќе го имаат српскиот првак Војводина.

Со оглед на тоа што во првиот меч победи Војводина, металурзите ќе имаат силен мотив со победа да им се реваншираат и победнички да ја завршат сезоната во лигата.

Иванов додели „Медал за заслуги за Македонија“ на лингвисти и македонисти

$
0
0

Претседателот Ѓорге Иванов денеска додели „Медал за заслуги за Македонија“ на истакнатите научни работници лингвисти и македонисти, Коста Пеев, Стојан Лекоски и Олга Панкина.

Како што соопштија од неговиот кабинет, пензионираниот професор по Дијалектологија на македонскиот јазик на Филолошкиот факултет, Коста Пеев, е одликуван со „Медал за заслуги за Македонија“, за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување, со што даде значаен придонес за зачувувањето на дијалектите на македонскиот јазик и неговата поширока афирмација.

Стојан Лекоски, книжевен преведувач и библиограф, кој живее во Словачка, се посочува, е одликуван со „Медал за заслуги за Македонија“, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Република Словачка, како и за унапредување на пријателските односи меѓу нашата држава и Република Словачка.

Олга Панкина, македонистка и преведувачка од Русија, е одликувана со „Медал за заслуги за Македонија“, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Руската Федерација, како и за унапредување на пријателските односи меѓу нашата држава и Руската Федерација.

-Овие „медали за заслуги за Македонија“ се израз на нашата благодарност кон Коста Пеев, Стојан Лекоски и Олга Панкина, за сето она што го направија за македонскиот јазик. Како Претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани и македонскиот народ, најискрено ви благодарам. Чувањето и творењето на македонски јазик е обврска кон минатото и влог во иднината. Чувари на тој јазик и тоа наследство се сите слависти и македонисти, рече Иванов на церемонијата на доделување на медалите.

Во име на одликуваните се обрати Стојан Лекоски.

-Секој од нас длабоко во својата душа го носи својот манастир. Во манастирот свети кандилцето на Св. Климент. Искрено, искрено посакувам пламенчето од кандилцето на Св. Климент никогаш да не згасне. На сите нас натаму нека ни го осветлува патот за создавање нови дела, нови камчиња во мозаикот на нашата македонска култура, рече Лекоски. 

Весна Петрушевска Бејби утре слави јубилеј 25 години во брак со МНТ

$
0
0

На 13 март македонската актерка Весна Петрушевска ќе го прослави јубилејот кој таа го нарекува 25 години во брак со Македонскиот народен театар (МНТ).

По повод јубилејот премиерно ќе биде изведена претставата „Влези, не се соблакај“, за која Петрушевска вели дека ќе ја насмее и ќе ја расплаче публиката, но и дека ќе ја испрати со љубов.

Во претставата ќе се обидам да раскажам сè она што ми се случувало во последните 30 години. Има многу приказни, случки, разни ситуации, но во суштина ќе се бавам со она што сум, што се трудам да бидам сиот мој живот и сè она што сум пропуштила. Забавно и единствено. Не сакам конвенционални одбележувања на јубилеи и затоа се одлучив за стенд ап форма. Освен што сум единствена жена што се бави со таа форма и навистина не знам зошто, ќе се обидам и на таа тема да се искажам. Нели родова еднаквост, скоро 22 век, ама ние со родова еднаквотст се бавиме, вели Петрушевска за „Република“.

 

Утре без струја делови од општините Кисела Вода, Гази Баба, Центар, Студеничани и Аеродром

$
0
0

Без снабдување со електрична енергија во текот на утрешниот ден ќе бидат делови од општините Кисела Вода, Гази Баба, Центар, Студеничани и Аеродром.

Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, без струја ќе бидат корисниците од дел од ул. „Марко Орешковиќ“, ул. „4“, и дел од ул. „Мариовска“ 1, 3, и 5, во Општина Кисела Вода, а од 09:00 до 15:30 часот, дел од корисниците од – канцеларија на нотар Ана Јалокоска, канцеларија на адвокат Рајна Марковска, главната улица што води према Дојрана, Техноимпекс, бурекџилница Кум, Фат Фур, семафори на раскрсницата на бул. „Александар Македонски“ и дел од ул. „808“ во Општина Гази Баба.

Во периодот, пак, од 08:30 до 13:30 часот, прекин во снабдувањето со струја ќе имаат корисниците од дел од ул. „Елисие Поповски“ во Општина Центар,, во периодот од 13:30 до 14:15 часот, корисниците од дел од ул. „Јани Лукровски“ зграда број 2, Општина Гази Баба, а во периодот од 09:00 до 10:00 часот, корисниците од фирмите Овалекс, Бима Нутс, Героскар, Вилагер, Техноимпекс, бурекџилница Кум, Фат Фур, канцеларија на нотар Ана Јалкоска, главната улица што води кон Дојрана, Дојрана, Банеста, Ролопласт, Стиринг, Мега Ауто, Хоме Концепт, дел од ул. 808, семафори на раскрсницата на бул. Александар Македонски и адвокат Рајна Марковска, во Општина Центар.

Без струја во периодот од 14:15 до 15:00 часот ќе бидат корисниците од дел од ул. „Лазар Поп Трајков“ зградите 25, 27, 29, 31 и 33, во Општина Гази Баба, во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од село Батинци во Општина Студеничани, а во периодот од 09:00 до 11:30 часот, корисниците од дел од ул. „1“ во село Долно Лисиче  во Општина Аеродром.

Viewing all 35086 articles
Browse latest View live
<script src="https://jsc.adskeeper.com/r/s/rssing.com.1596347.js" async> </script>