Ниската откупна цена и недостигот од овчари се главните проблеми со кои се соочуваат сточарите во државата, а кои беа изнесени на годишното собрание на националниот Сојуз на овчари на Македонија.
![]()
Овчарите побараа од Владата интервентна мерка од 40 денари за килограм жива мера за да не работат со загуба. Покрај ниската откупна цена на јагнето, сточарите мака мачат да најдат овчари, иако нудат плата од 500 евра.
Новиот претседател на Сојуот на овчари, Никола Георгиев, кој беше избран вчера на годишното собрание, за Вечер изјави дека моментално производствената цена на јагнето според нивни пресметки изнесува околу 180 денари за килограм, а се отапува по 140 денари за килограм. – Тоа значи дека работиме со загуба. Затоа бараме од Владата и од ресорното министерство дополнителна субвенција од 40 денари за килограм, изјави Георгиев.
Покрај ниската откупна цена, немањето овчари, проблем за сточарите, е лошата инфраструктура, односно немање пристапни патишта до пасиштата и фармите. Георгиев објасни дека немаат пристап до струја и вода, а проблем претставува и бавната легализација на фармите
– Неможеме да обезбедиме доволно работници и покрај тоа што нудиме плати кои се добри за стандардот во државата никој не сака да ја работи оваа работа. Има фарми кои имаат по еден работник на 500 грла овци и покрај тоа што просекот е еден работник на 150 грла овци, изјави претседателот на Сојузот на овчарите
Претходно претседателот на овчарското здружение “Агроцентар", Митко Јанков, истакна дека откупната цена за прва класа јагнешко е 140, а за втора 130 денари/килограм жива мера.
– Според последните проценки врз основа на производните трошоци, цената треба да изнесува 182 денара. Но, ние сепак, не ја земаме предвид таа цена, туку остануваме на “старата# од 175 денари што беше претходно утврдена. Затоа ќе побараме вонредна мерка за доплата како кај тутунот, но до 40 денари за килограм. Висината на поддршката нема да биде за сите овчари иста, туку ќе зависи од постигнатата откупна цена на јагнето, но максимум 40 денари.
– Поддршката да се утврдува врз основа на откупната белешка каде јасно стои колку тежело јагнето и за колку е продадено, е нашиот предлог. Белешката ќе се однесе во Општина и таму на секој од нас ќе му се доплати, нагласува Јанков.
Недостигот од овчари не е проблем само во Македонија, минатата година овчари се бараа и во Грција, Турција, Хрватска, БиХ но и во соседна Србија, а платите кои се нудеа не беа за потценување и се движеа од 500 до 1.000 евра.